Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
10.03.2014
...
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 
Одлуки на Основниот Суд Кавадарци

11.09.2009   П.бр.445/07
                                                                                             П.бр.445/07
 
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
 
            ОСНОВНИОТ СУД ВО КАВАДАРЦИ, како надлежен првостепен парничен суд, со судијаДрагица Митрева како претседател на совет, и судиите поротници Лена Станкова и Адријана Каровска, како членови на советот, со записничар Данче Станоева одлучувајќи по правната работа на тужителот Д.С. од К. ул...., против тужениот ЗВ од К., за поништување на одлука за престанок на работен однос, вредност 40.000,оо денари по одржаната главна и јавна расправа, во присуство на полномошникот на тужителот А.Ј. адвокат од Скопје, и полномошникот на тужениот Л.П. адвокат од К., на 11.09.2009 година донесе, а на 29.09.2009 година објави:
 
 
 
П Р Е С У Д А
 
 
 
            Тужбеното барање на тужителот Д.С. СЕ УСВОЈУВА.
 
            СЕ ПОНИШТУВА одлуката бр.10/2 од 25.07.2007 година донесена од Претседателот на Извршниот одбор на тужениот за отказ на Договорот за вработување на тужителот на работно место секретар, сметано од 02.07.2007 година, како незаконито.
 
            СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот да го врати тужителот на работа и распореди на работно место кое одговара на степенот на неговата стручна подготовка и работно искуство, како и да му ги надомести процесните трошоци на тужителот во спорот во износ од 53.300,оо денари,сето тоа во рок од 8 дена по доставувањето на пресудата.
    
            Барањето на тужителот за процесни трошоци од досудениот износ до бараниот износ од 104.640,оо денари СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.
 
            СЕ ЗАДОЛЖУВА тужителот на тужениот да ги надомести процесните трошоци во спорот во износ од 14.040,оо денари во рок од 8 дена по доставувањето на пресудата.
 
            Приговорот на полномошникот на тужениот дека работата е пресудена правосилно СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАН.
 
 
 
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е
 
 
 
            Полномошникот на тужителот во тужбата и на расправите и во завршен збор наведе дека тужителот бил вработен кај тужениот на работно место секретар, со четиригодишен мандат кој требало да трае до 23.03.2009 година. Од страна на новоизбраниот Претседател на Извршниот одбор на тужениот, С.Ј., како нелигитимен законски застапник на тужениот била донесена Одлука со која му бил даден отказ на Договорот за вработување на работното место секретар, сметано од 02.07.2007 година. Од причини што оваа одлука е донесена од нелегитимен законски застапник истата е спротивна на чл.17 ст.1 од ЗРО. При откажувањето на самиот договор му бил понуден нов променет Договор за вработување на работно место аналитичар планер, а кое работно место не постоело во Правилникот за систематизација на работните места, во моментот на донесување на одлуката. Тужителот против оваа одлука поднел и писмен приговор, по кој тужениот не одговорил.
 
            Од друга страна, наведе дека овој суд со правосилна пресуда П.бр.400/07 од 01.02.2008 година ја поништил одлката на Извршниот одбор на здружението донесена на седница на 02.07.2007 година со која тужителот е разрешен од функцијата секретар на тужениот. Донесената одлука немала образложение за причините поради која истата се донесува, кое е спротивно на чл.74 ст.2 од ЗРО. Исто така, спротивна на одредбите од чл.79 од ЗРО тужениот го откажал договорот за вработување без да утврди дали се исполнети условите од овој член.
 
Од сите наведени причини, предложи одлуката бр.10/2 од 25.07.2007 година, донесена од Претседателот на извршниот одбор на тужениот за отказ на Договорот за вработување на работното место секретар, да се поништи како незаконита и согласно одредбите на чл.102 од ЗРО да го задолжи тужениот да го врати тужителот на работа и распореди на работно место кое одговара на степенот на неговата стручна подготовка и работно искуство.
           
            Наведе дека е ирелевантен фактот што со пресуда на Управниот суд е одбиена тужбата на тужителот поднесена против уписот на новиот претседател на тужениот С.Ј. за одлучувањето во овој спор, од причини што уписот се спроведува според одредбите на едношалтерски систем и во таа постапка не се испитува законитоста и вистинитоста на пријавата и содржината на прилозите при уписот во регистарот, ниту пак законитоста на постапката во која се донесени одлуките за уписот.
 
            Предложи докази, побара трошоци.
 
 
            Во писмениот одговор на тужба, на расправите и во завршен збор, полномошникот на тужениот наведе дека тужбеното барање на тужителот е безпредметно од причини што на истиот со одлуката за отказ на договорот за вработување на работното место секретар му е понуден нов договор за работа на работно место аналитичар-планер, заведен под бр.11/2 од 25.07.2007 година и со правосилна пресуда на овој суд П.бр.630/07 од 20.06.2008 година му е даден отказ на овој договор за вработување поради кршење на работниот ред и дисцилина и се работи за пресудена работа. Бидејќи тужителот бил распореден на соодветно работно место аналитичар-планер за кој се бара 7-ми степен на стручна подготовка, односно факултет каков што поседува тужителот, а чиишто работен однос е престанат, тужбеното барање за ново прераспоредување е неосновано. Исто така, предложи да се одбие тужбеното барање за да се поништи одлуката за отказ од работното место секретар како неосновано, од причини што новоизбраниот претседател на извршниот одбор С.Ј. бил запишан во Централниот регистар на РМ како законски застапник на тужениот и дека уписот е законит е потврдено со одлука на Управниот суд У.бр.767/2008 од 11.09.2008 година.
 
            Предложи докази, побара трошоци.
           
 
            Во текот на постапка судот ги изведе предложените докази и тоа изврши увид во одлука бр.10/2 од 25.07.2007 година, договор за работа бр.11/2 од 25.07.2007 година, приговор од тужителот до тужениот, известување по приговор од туженито до тужителто од 27.08.2007 година, записник од седница на извршен одбор од 02.07.2007 година, записник од Собрание од 02.07.2007 година, записник од вонредно собрание од 02.07.2007 година, одлука за избор на претседател од 02.07.2007 година, одлука за избор на членови на собрание од 02.07.2007 година, одлука за избор на членови на извршен одбор од 02.07.2007 година, одлука за разрешувањен а тужителот од функција секретар од 02.07.2007, одлука за избор на секретар од 02.07.2007 година, одлука за определување на овластено лице за поднесување пријава за извршена промена од 02.07.2007 година, решение на Централен регистар на РМ под деловоден број 30620070001423 од 04.07.2007 година, решение на истиот орган под број 30620070001869 од 18.09.2007 година, решение на Комисија за жалби бр.15-30/4 од 24.10.2007 година, регистар на членство кај тужениот од 01.04.2005 година, барање од тужителот до тужениот до 29.08.2007 година, во договор за работа склучен помеѓу туженит и тужителот бр.11/2 од 25.07.2007 година и тоа во оригинал со потпис од тужителот, во Статут на тужениот од 20.04.2007 година бр.369 и од 02.09.2007 година без деловоден број и печат, во дел од доказите на предмтот на овој суд П.бр.400/07 и тоа во список на присутни членови на вонредното собрание на тужениот одржано на 02.07.2007 година во 21 часот, во 23 пристапници за членови кај тужениот, во решение на Основен суд Скопје 1 Скопје за промена на лице овластено за застапување кај тужениот Срег.бр.252/2005 од 09.05.2005 година и во прилози на регистарската влошка на тужениот на Окружен стопански суд Скопје срег.бр.4454/91 од 17.07.1991 година и тоа прилог бр.1, 3, 4, прилог на регистарската влошка на тужениот на Основен суд Скопје 1 Скопје срег.бр.252/05 од 09.05.2005 година и тоа бр.6 и 7, решение на Основен суд Кавадрци рег.згф. бр.3/99 од 11.01.1999 година, Статут на туженито бр.287 од 25.12.1987 година и тоа пречистен текст, во решени на основен суд К. бр.ребр.бр.1/07 од 1997 година кајшто е запишан овој Статут, во пресуда на овој суд П.бр.400/07 од 01.02.2008 година, во пресуда на Апелационен суд Скопје гж.бр.3089/08 од 11.07.2008 година и тоа доказите се прочитани во оригинал, а за понатамошната постапка по предметот П.бр.400/07 во предметот се задржува фотокопија од овие докази, во потврда за доставвање на приговор против решението од тужителот до тужениот преку ПТТ Прилеп од 06.08.2007 година со преглед на препорачани пратки од истата пошта и тоа стр.3 од 06.08.2007 година, во Колективен договор на сојуз на возачи на Македонија бр.0101-102/1 од 06.07.2006 година, во решение на Централен регистар на РМ дел.бр.30620080003356/1 од 01.10.2008 година, во пресуда на Управен суд на РМ У.бр.767/08 од 11.09.2008 година, во пресуда на Основен суд К. П.бр.630/07 од 20.06.2008 година, П.бр.371/07 од 31.10.2008 година, пресуда на Апелационен суд Скопје Рож.бр.1854/08 од 05.03.2009 година, решение на Комисија за жалба при Влада на РМ бр.79/2 од 24.11.2008 година, тужба од тужителот против тужениот од 28.11.2007 година по која е донесена пресудата П.бр.630/07, ревизија од тужителот против оваа пресуда на овој суд и пресудата со која е потврдена оваа пресуда од стрна на Апелационен суд Скопје Рож.бр.1854/08 од 05.03.2009 година, одлука бр.2Б/2 од 14.07.2007 година, во пресуда на управен суд У.бр.767/08 од 11.09.2008 година, пресуда на управен суд У.бр.4440/07 од 13.11.2008 година, решение на овој суд ПП.бр.9/08 од 13.11.2008 година и решение на Апелационен суд Скопје Гж.бр.489/09 од 09.04.2009 година, го распита тужителот и законскиот застапник на тужениот С.Ј. во својство на странки,  па по оцена на секој доказ пооделно и сите заедно, ценејќи ги овие докази во смисла на чл.8 од ЗПП, ја утврди следната фактичка состојба:
 
            Тужениот како правно лице е основан и регистриран и тоа како Општествена организација на возачи К. во Окружниот стопански суд во Скопје со решение Срег.бр.4454/91 од 17.07.1991 година.
 
            Тужителот како секретар и овластено лице за застапување на тужениот, без ограничување е запишан во судскиот регистар на Основен суд Скопје I Скопје со решение срег.бр.252/05 од 09.05.2005 година, кога е извршена и промената на лице овластено за застапување и е избришан Камчев Кирил како секретар, а е запишан тужителот.
 
            Тужениот извршил усогласување на своите акти и согласно Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите (Службен весник на РМ бр.31/98 од 02.07.1998 година), па е запишан во регистарот на Здружение на граѓани и фондации во Основен суд Кавадарци со решение Рег.згф.бр.3/98 од 11.01.1999 година и тоа со назив ЗВ од К. со седишта на ул.... во К., со скратен назив ЗВ од К., ул....
 
            После уписот во регистарот на Основен суд К. Собранието на тужениот како орган на управување донел статутарна одлука бр.280 од 25.12.2006 година со која донел пречистен текст на Статутот на тужениот бр.287 од иста дата, а којшто Статут е запишан во регистарот на Основен суд К. со решение рег.бр.1/07 од 26.01.2007 година.
 
            Според овој Статут тужениот е Здружение на граѓани – возачи, формирано со слободно здружување на граѓаните, заради остварување и усогласување на своите интереси и вршење на дејности и активности со цел на подобруавње на сообраќајната култура, безбедноста на сообраќајот на патиштата, техничката исправност на моторните возила и други прашања од заеднички интерес. Член на здружението може да биде секој полнолетен и деловно способен граѓанин, државјанин на РМ, кој доброволно ќе пристапи кон здружението со давање на писмена изјава и зачленувањето се врши со пристапница, а кое е регулирано со одредбите на чл.3 од Статутот. Според чл.4 „членовите имаат право да бидат бирани во органите на здружението и да учествуваат во работа на здружението”. Според чл.10 „ЗВ од К. е правно лице”, а според одредбите на чл.19 негови органи се Собрание и Извршен одбор. Според одредбите на чл.23 „собранието одлучува ако се присутни повеќе од 1/2 од вкупниот број на членовите и покрај другите надлежности избира и разрешува членови на Извршниот одбор”. Според одредбите на чл.26 „извршниот одбор пак покрај другите надлежности именува и разрешува секретар на здружението”.
 
Бидејќи тужителот бил избран од надлежниот орган за секретар на тужениот и тоа на 23.03.2005 година и таквиот избор е запишан во Судскиот регистар на 09.05.2005 година, истиот работел на тоа работно место кај тужениот се до отказот на Договорот за вработување на оваа работно место.
 
Според одредбите начл.31 од Статутот на тужениот е утврдено дека  тужителот како секретар раководи со стручната служба на ЗВ – тужениот, а него го именува и разрешува извршниот одбор со посебна одлука, за период од 4 години, со можност за повторен избор. Според ст.3 на овој член секретарот на стручната служба е во исто време и секретар на ЗВ од К., а истиот е и член на Собранието на ЗВ. Според ст.4 секретарот правото од работен однос го остварува во ЗВ, во стручната служба, а за извршување на својата работа одговорен е пред извршниот одбор.
 
 Секретарот е и работоводен орган кој ги извршува сите права и обврски кои произлегуваат од Законот за работни односи и Колективниот договор, како и други права и овластувања, а кое е уредено со одредбите на чл.32 од пречистениот текст на Статутот од 25.12.2006 година и од 20.04.2007 година.
 
Според напред цитираните одредби на Статутот, мандатот на тужителот како секретар и работодовен орган требало да трае до 23.03.2009 година.
 
Тужениот како Здружение еднаш годишно одржувал редовно Собрание, заради усвојување на завршната сметка која до Управата за јавни приходи се предавала кон крајот на месец Февруари. Во периодот од 23 до 26 Февруари 2007 година тужениот одржал редовно собрание на кое била усвоена завршната сметка за 2006 година, и истовремено била донесена и едногодишна програма.
     
            На ден 02.07.2007 година од лица коишто не биле регистрирани членови на тужениот како здружение било одржано вонредно собрание на здружението и се донесени повеќе одлуки. Донесена е одлука за избор на нов Извршен одбор од 5 члена. Извршниот одбор донел одлука од иста дата за претседател на здружението се избира лицето С.Ј., а исто така Извршниот одбор истиот ден донел и одлука со која се разрешува од функцијата секретар од Здружението Д.С., односно тужителот.
 
Врз основа на таквата одлука на извршниот одбор од страна на новоизбраниот претседател С.Ј. е донесена одлука, предмет на овој спор, бр.10/2 од 25.07.2007 година, со која на тужителот кој бил во работен однос кај тужениот, на неопределено време, со полно работно време и извршува работа и работни задачи на работно место секретар на тужениот, му бил даден отказ на Договорот за вработување сметано од 02.07.2007 година. Во ст.2 на цитираната одлука на тужителот му бил понуден нов променет Договор за вработување на работно место аналитичар, планер. Во оваа одлука не се образложени причините поради кои се дава отказ на догворот за вработување на работното место секретар.
 
 
Тужителот незадовоолен од донесената одлука за отакзот на Договорот за вработување на работното место секретар, поднел приговор до Извршниот одбор на тужниот, истиот не се произнел по приговорот, така што во оставениот законски рок го поведува овој спор.
 
Покасно, од страна на тужениот била донесена одлука за отказ на договорот за вработување на работното место аналитичар планер, поради кршење на работната дисциплина бр.106/2 од 09.11.2007 година, за која се водела посебна постапка пред овој суд и е донесена правосилна одлука П.бр.630/07 од 20.06.2008 година. Против истата од тужителот е поднесена ревизија, така што предметот со сите списи се наоѓа во Врховен суд на РМ за одлучување по ревизијата.
 
Врз основа на новодонесените одлуки, била извршена и промена во Централниот Регистар, така што наредниот ден по одржување на Вонредното собрание, на 03.07.2007 година тужителот бил избришан од евиденцијата како овластено лице за застапување, а како ново овластено лице за застапување бил запишан новоизбрниот Претседател на Здружението-С.Ј.. За ваквиот упис тужителот поднел и тужба за негово поништување, но од страна на Управниот суд на РМ, со пресуда У.бр.767/08 од 11.09.2008 година тужбата на тужителот е одбиена како неоснована.
           
            Тужителот до Основниот суд К. поднел тужба против новоизбраниот претседател Јованов Стојанче, и другите присутни членови на вонредното собрание, за поништување на одлуките на вонредното собрание и на одлуките на Извршниот одбор донесени на седница на 02.07.2007 година.  Основен суд К. со пресуда П.бр.400/07 од 14.02.2008 година, го усвоил тужбеното барање и утврдил дека сите тие одлуки се ништовни и не произведуваат правно дејство од моментот на нивното донесување. Со оваа пресуда, покрај другите е поништена и одлуката на извршниот одбор од 02.07.2007 година, со која тужителот е разрешен од функцијата секретар. Оваа пресуда била потврдена и од страна на Апелациониот суд Скопје со пресуда Гж.бр.3089/08 од 11.07.2008 година. Причините за поништување на донесените одлуки од вонредното собрание и од новоизбраниот Извршен одбор, како и одлуката за разрешување на тужителот од секретар се затоа што тие одлуки се донесени од лица кои учествувале во овие органи, а кои не се регистрирани членови на тужениот, кој според неговиот Статут имаат право да бидат бирани и да учествуваат во работата на овие органи. Против правосилната пресуда поднесен е предлог за повторување на постапката, со решение на овој суд ПП.бр.9/08 од 13.11.2008 година предлогот е одбиен како неоснован и истото со решение на Апелационен суд Скопје Гж.бр.489/09 од 09.04.2009 година е потврдено.
           
 
Врз основа на вака утврдената фактичка состојба судот одлучи да го усвои тужбеното барање на тужителот од следните причини:
 
            Од увидот во пресудата на овој суд П.бр.400/07 од 14.02.2008 година, а потврдена со пресуда на Апелационен суд Скопје Гж.бр.3089/08 од 11.07.2008 година со сигурност се утврди дека одлуката на Извршниот одбор на тужениот донесена на седница на 02.07.2007 година со која тужителот е разрешен од функцијата секретар кај тужениот е утврдена за ништовна и истата не произведува правно дејство од моментот на нејзиното донесување. Според образложението на овие пресуди основна причина за поништувањето на оваа одлука е тоа што на вонредното собрание и Извршниот одбор на тужениот кои ги донеле одлуките на 02.07.2007 година, па и спорната одлука, присуствувале лица кои не биле регистрирани членови кај тужениот во смисла на одредбите на чл.3 од Статутот на тужениот, според кој член може да биде полнолетен и деловно способен граѓанин кој доброволно ќе пристапи кон здружението со давање на писмена изјава и на кој му се дава пристапница. Ваквите одлуки претставуваат решавање на претходно прашање за одлучувањето во овој спор согласно одредбите на чл.201 ст.1 т.1, а в.в. чл.11 од ЗПП.
 
            Од увидот во решението на Основен суд Скопје I Скопје Срег.бр.252/05 од 09.05.2005 година судот утврди дека тужителот е запишан во судскиот регистар како секретар, без ограничување на тужениот на овој ден, а од изјавата на тужителот се утврди дека тој бил избран на оваа функција од легитимниот извршен одбор на тужениот на ден 23.05.2005 година, според Статутот мандатот му трае четири години, односно истиот е со мандат на оваа својство до 23.03.2009 година.
           
            Од увидот во одлуката бр.10/2 од 25.07.2007 година се утврдува дека е донесена од новоизбраниот Извршен одбор, на ден 25.07.2007 година со која на тужителот му се дава отакз на договрот за вработување на работното место секретар сметано од 02.07.2007 година и истата е донесена од новоизбраниот претседател на овој орган С.Ј..
 
            Во образложението на спорната одлука не се дадени причините за донесувањето на ваквата одлука за отказ на тужителот од работното место секретар. 
 
            Од известувањето на Државниот инспектор за труд К. бр.08-1000/3 од 18.12.2007 година се утврдува дека во Правилникот на тужениот бр.118 од 04.12.2000 година, кој бил во сила при донесувањето на спорната одлука и нудењето на нов променет договор за работното место аналитичар-планер, оваа работно место не постоело во овој правилник.
 
            Од увидот во решението на овој суд Рег.згф.бр.3/98 од 11.01.1999 година се утврдува дека тужениот е запишан во регистарот на здруженијата на граѓани и фондации на овој суд, а исто така и од решението на овој суд Рег.бр.1/07 од 26.11.2007 година се утврдува дека во регистарот е запишан и пречистениот текст на Статутот на тужениот донесен на 25.12.2006 година под број 287. Од увидот во одредбите на овој Статут, како и во пречистениот текст на Статутот од 20.04.2007 година, со сигурност се утврдува како може да се стане член на тужениот како ЗВ, со право да се учествува во работата на органите и да биде биран во истите и дека заинтересирани корисници на услугите на тужениот на кој им се издава сервисна книшка не претставуваат член на здружението, а тоа се всушност лицата кои учествувале на вонредното собрание и избраните членови во новиот Извршен одбор и неговиот претседател С.Ј..
 
            Од увидот во одредбите на гореспоменатите статути се утврдуваат правата и надлежностите на органите, Собранието и Извршниот одбор и на Секретарот на тужениот, а кои се во целсот со согласност со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите.
 
            Од изведените докази во текот на постапката со сигурност се утврди дека одлуката на Извршниот одбор од 02.07,2007 година со која е разрешен тужителот од функцијата Секретар, одлуката за новоизбраните членови на Извршниот одбор, како и одлуката за новоизбраниот претседател на Извршниот одбор С.Ј., сите од 02.07.2007 година со правосилна судска одлука на овој суд се поништени како незаконити, па оттаму судот доаѓа до заклучок дека спорната одлука бр.10/2 од 25.07.2007 година донесена од новоизбраниот претседател на Извршниот одбор С.Ј. за давање на отказ на Договор за вработување на тужителот на работно место Секретар е незаконита, бидејќи е донесена од нелигитимен законски застапник на тужениот и истата е спротивна на одредбите од чл.17 ст.1 од ЗРО.
           
            Исто така, тужениот како работодавач не го образложил писмено откажувањето на договорот, а кое е спротивно на одредбите од чл.74 ст.2 од ЗРО. Тужениот спорната одлука ја донел и спротивно на одредбите од чл.79 на ЗРО, според која „работодавачот може да му го откаже договорот за вработување од лични причини на страна на работникот ако работникот не ги извршува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договор за вработување или ако ги крши работниот ред и дисциплина”.
 
            Согласно напред цитираните законски одредби, судот одлучи како во диспозитивот на пресудата и утврди дека на тужителот незаконски му престанал работниот однос со спорната одлука и согласно одредбите на чл.102 од ЗРО го задолжи тужениот да го врати на работа која одговара на неговиот степен на стручна подготовка и работно искство.
 
            Судот ги ценеше напатствијата на второстепениот суд при одлучувањето во овој спор да се има во предвид пресудата на овој суд П.бр.630/07 со која е одбиено тужбеното барање на тужителот за поништување како незаконито одлуката за отказ на договорот за вработување на работното место аналитичар – планер и да се утврди работноправниот статус на тужителот, но истите ги смета за ирелевантни и без значење за одлучување во овој спор од следните причини:
 
            Како што е утврдено од изведените докази, поништена е одлуката на Извршниот одбор од 02.07.2007 година, со која тужителот е разрешен од функцијата Секретар, а од новоизбраниот претседател на Извршниот одбор е донесена друга одлука, а тоа е спорната одлука бр.10/2 од 25.07.2007 година, за откажување на Договорот за вработување на тужителот на работното место Секретар. Со истата одлука во ст.2 на тужителот му се нуди нов договор за вработување на работно место аналитичар планер, а врз основа на тоа е донесена нова одлука за распоредување на тоа работно место бр.106/2 од 09.11.2007 година. Произлегува дека се донесени три одлуки. Одлуката предмет на овој спор е посебна одлука и истата е предмет на овој спор, независно од спорот во постапката П.бр.630/07 која е водена за работното место планер аналитичар, за друга одлука бр.106/2 од 09.11.2007 година. Од друга страна, до колку тужителот не ќе беше разрешен од работното место секретар, најлогично е дека немаше да му се понуди работното место аналитичар планер, така што судот смета дека постапката П.бр.630/07 е одвоена постапка, за друго работно место и дури истата била зависна од исходот во овој спор, а не и обратно.
 
            Судот ги ценеше наводите на полномошникот на тужениот дека тужениот ја спазил постапката околу отказот на Договорот за вработување, но истите ги одби како неосновани од напред изнесените причини. Исто така ги одби како неосновани и наводите дека со пресуда на Управен суд е одбиена тужбата на тужителот поднесена против уписот на новиот претседател на тужениот С.Ј. од причини што истата е ирелевантна за решавањето во овој спор и се работи за упис според одредбите на едношалтерскиот систем, а и од самото образложение на оваа пресуда се утврдува дека истиот при уписот не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите што се поднесуваат при уписот во регистрите, ниту пак законитоста на постапката во која тие се донесени.
 
            Од напред наведените причини, приговорот на полномошникот на тужениот дека се работи за пресудена работа, го одби како неоснован.
 
 
            Согласно одредбите на чл.148 ст.1 од ЗПП, судот го задолжи тужениот да ги надомести процесните трошоци на тужителот во спорот и тоа: за состав на тужба по АТ 3.900,оо денари, за четири застапувања на полномошникот на тужителот адвокат Д.М. од П. по 4.680,оо денари и за едно застапување на полномошникот на тужителот адвокат А. Ј. од Скопје по 4.680,оо денари или за пет застапувања износ од 23.400,оо денари, за патни трошоци со сопствено возило на релација П-К. и обратно износ од 11.000,оо денари, за затварање на канцеларија со паушал и патни трошоци за сопствено возило за полномошникот А.Ј. на релација С-К и обратно за едно застапување износ од 12.000,оо денари, такса за тужба и одлука по 1.500,оо денари износ од 3.000,оо денари или вкупно процесни трошоци 53.300,оо денари, а барањето од досудениот износ до бараните процесни трошоци на тужителот во износ од 104.640,оо денари го одби како неосновано.
 
            Согласно одредбите на чл.150 ст.1 од ЗПП судот го задолжи тужителот да ги надомести процесните трошоци на тужениот кои се однесуваат за три рочишта и тоа од 14.10.2008 година, 27.07.2009 година и 11.09.2009 година, одложени по барање на тужителот, за застапување на полномошникот на тужениот по 4.680,оо денари износ од 14.040,оо денари.
 
 
            РЕСУДЕНО ВО ОСНОВНИОТ СУД КАВАДАРЦИ П.бр.445/07 на ден 11.09.2009 година.
                                                                            ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТ,
                                                                                        С У Д И Ј А
                                                                                 Драгица Митрева,с.р.
 
   ПОУКА:Рок за жалба е 8 дена,
         по приемот на пресудата,
         преку овој суд до
         Апелационен суд Скопје.
 
 
Верно со оригиналот, тврди:

Назад